Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
27.4.2018

Симеоне: Имаме 50 отсто шанси за финале

Диего Симеоне, тренерот на Атлетико Мадрид, изјави дека неговиот тим одиграл фантастично во ремито со Арсенал, во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на Европа.

Мадриѓаните извојуваа реми во Лондон со резултат 1-1, и покрај тоа што од десеттата минута останаа со играч помалку на теренот бидејќи Шиме Врсаљко заработи исклучување. Не многу долго потоа, и Симеоне беше испратен на трибините, но „јорганџиите“ дојдоа до поволен резултат благодарение на голот на Антоан Гриезман, кому му претходеше погодокот на Александр Лаказет.
„Навистина беше тешко да се игра на гостувањето кај Арсенал со десетмина играчи на извонредниот стадион против тимот којшто го води спектакуларен тренер. Начинот на којшто овие играчи на Атлетико одиграа и се изборија со притисокот е неверојатен. Навивачите придонесоа позитивна енергија која ја доисполни нашата страст“, изјави тренерот на Атлетико.
Аргентинскиот стручњак додаде дека неговиот тим херојски се борел бидејќи останал со десетмина играчи.
„Се сеќавам на натпреварот во Барселона кога беше исклучен Филипе само по 13 минути  или на другиот во Лигата на шампионите кога таков беше случајот и со Торес. Тимот годинава врши фантастична работа. На стадион каков што е овој, против напаѓачки фудбал каков што игра Арсенал, тимот мораше да продолжи да се бори во секоја минута. И тоа е најубавата работа во фудбалот“, изјави Симеоне.
Мадридската екипа во дуелот со Арсенал одигра исклучително дефанзивно, но Симеоне изјави дека неговиот тим покажал карактер.
„Ако играте нормално, имате повеќе можности да постигнете гол, но кога се браните како ние, го покажувате вистинскиот карактер. Тоа е порака за сите оние коишто се покрај нас. Ова беше тешка сезона, со голем број промени, со нов стадион, нашиот нов дом. Имаме 50 отсто шанси да се пласираме. Тимот во одбраната одговори фантастично“, изјави Симеоне.
Реванш-натпреварот меѓу Атлетико Мадрид и Арсенал на програмата е наредниот четврток, на стадионот „Ванда Метрополитано“.

Најнови вести