Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
26.4.2018

Венгер го мерка трофејот за збогување, „биковите“ на „Велодром“

Вечерва се играат двата полуфинални натпревари од Лигата на Европа, во кои ќе се сретнат Арсенал и Атлетико Мадрид, односно Марсеј и Салцбург.

Во Лондон, Арсенал за прв пат ќе ги вкрсти копјата против Атлетико од Мадрид. Тоа ќе биде емотивна вечер бидејќи Арсен Венгер за последен пат ќе го предводи тимот во европските натпревари на домашен терен. Французинот се збогува со клубот по 22 години и ќе сака да го освои првиот европски трофеј во кариерата.
Арсенал со Венгер досега изгуби две европски финалиња, едно на Лигата на шампионите, а едно во Купот на УЕФА, додека Атлетико во два наврати го освои трофејот во Лигата на Европа. „Топчиите“ осми пат играат во европското полуфинале, а само еднаш не успеаја да стигнат до финалето. Домашниот тим е најефикасната екипа на овосезонското натпреварување со 29 постигнати голови досега.
За домашниот тим неизвесно е дали ќе игра Месут Озил, додека Обамејанг нема право да игра бидејќи веќе настапуваше за Дортмунд во првиот дел на сезоната. Кај гостите, најголема дилема претставува настапот на Диего Коста, кој допатува со тимот на Островот, и покрај најавите на Диего Симеоне дека напаѓачот сигурно нема да игра на „Емирати“.
Во вториот натпревар, во Марсеј ќе се сретнат домаќинот Олимпик и најпријатното изненадување на натпреварувањето, австрискиот шампион Салцбург.
Овие два тима играа и во рамките на групната фаза од натпреварувањето, тогаш во Марсеј одиграа 0-0, додека Салцбург славеше на домашен терен со резултат 1-0.
Домаќинот на „Велодром“ изгуби само еден од последните 21 натпревар, додека Салцбург изгуби само два пати на гостувањата на исто толкав број натпревари. Австрискиот тим изгуби само еден од последните 17 натпревари во рамките на Лигата на Европа, и тоа во четврт-финалето, против Лацио во Рим.

Најнови вести