Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
26.4.2018

Пресврт на Реал во Минхен за голема предност пред реваншот

Фудбалерите на Реал Мадрид остварија голема предност во полуфиналето на Лигата на шампионите бидејќи во првиот натпревар против Баерн славеа со 2-1 во Минхен.

Баварците имаа предност на нивниот стадион, беа подобриот ривал во 80% од средбата, но актуелниот европски шампион успеа да ги искористи грешките и пропуштените шанси на ривалот и да направи голем пресврт.
Освен неколку сто отсто сигурни шанси коишто, пред сè, не ги реализираа Франк Рибери и Томас Милер, пресуди големото искуство на оваа постава на Кралскиот клуб, која е навикната да ги победува и најсилните екипи, дури и кога не игра добро.
Поради тоа, има голема предност пред реваншот, кој на програмата е следната седмица, додека германскиот шампион доколку сака да се бори за трофејот, ќе мора да постигне најмалку два гола во Шпанија.
Натпреварот на „Алијанц арената“ почна во брз ритам, но беше пресечен уште во петтата минута, кога се повреди Арјен Робен. Холанѓанецот мораше неговото место да му го препушти на Тијаго Алкантара, па по почетната иницијатива на домаќинот, Реал ја презеде контролата над натпреварот.
И токму кога почна да се стега обрачот пред голот на Урлих, Баварците дојдоа до предност - по десната страна се комбинираа Кимих и Милер. Офанзивниот играч за врска го исфрли соиграчот, кој замина на десната страна, го измами голманот Навас, кој очекуваше центаршут, и погоди право во голот за 1-0.
Тогаш почна големиот напад на Германците, коишто пропуштија неколку шанси по ред, додека во меѓувреме играта мораше да ја напушти и Џером Боатенг, исто така поради повреда на бутниот мускул.
Сосема неверојатно беше како Франк Рибери, Матс Хумелс и Томас Милер не успеаја да го удвојат водството, па казната дојде многу побрзо и посурово отколку што се очекуваше.
Во 44-тата минута, Реал организираше тешка акција – по долгата топка на десната страна и повратната на Дани Карвахал, таа му застана на Марсел на полуволеј, кој од 18 метри ја испрати во долниот десен агол и донесе 1-1 на полувремето.
Вториот дел од играта почна во ист ритам, Баерн повторно тргна во напади, а сè се распадна во 57-мата минута, по еден корнер. Рафиња направи грешка при додавањето од околу 40 метри и следуваше силна контра. Васкес убаво ја испрати до осамениот резервен играч Асенсио, кој без проблем ја погоди мрежата за целосен пресврт.
Домаќините не можеа да замислат полошо сценарио во првата средба, посебно не по она што се случуваше и во вторите 45 минути. Баерн повторно имаше неколку шанси, но редно беше Келјор Навас да порасне во херој и да ја зачува победата на Реал.
Во второто полуфинале ќе играат Ливерпул и Рома, а англискиот претставник е поблиску до финалето бидејќи во првата средба славеше со 5-2.

 

Најнови вести