Корисничко име Лозинка Пријави се
25.4.2018

Салах ја фрли Рома на колена, Ливерпул го испушти нокаутот

Фудбалерите на Ливерпул ја победија Рома со 5-2 (2-0) во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите.

„Црвените“ имаа речиси заверен билет за финалето бидејќи водеа со 5-0 на 20 минути пред крајот, но ја упропастија одличната вечер во рок од пет минути.
Тимот на Јирген Клоп го прегази ривалот во првите 70 минути игра, но прерано попушти со притисокот и во финишот на Италијанците им дозволи да изборат резултат којшто на Барселона не ѝ беше доволен за триумф во четврт-финалето на натпреварувањето.
„Црвените“ на чекор од финалето на елитното натпреварување ги доведе Мохамед Салах со двата гола и двете асистенции, а домаќинот пред финишот им подари на Римјаните надеж пред реваншот.
Египќанецот го одигра најдобриот натпревар во веќе спектакуларната сезона и уште во првото полувреме со двата погодока ја растури „волчицата“.
Потоа фудбалерите на Рома се депримираа и одиграа очајно во второто полувреме, во кое Салах со двете асистенции, за Садио Мане и за Роберто Фирмино, ја нокаутира Рома.
На дваесеттина минути пред крајот, Фирмино го постигна вториот гол за импресивни 5-0, но англискиот гигант во рок од пет минути успеа да упропасти сè.
Клоп прерано го извади од игра Салах и тоа скапо го чинеше Ливерпул. На десетина минути пред крајот, Един Џеко ја искористи одличната асистенција на Најнголан, му побегна на Ловрен и успеа да го измами Кариус за 5-1.
Само пет минути подоцна, Рома целосно се врати во живот. По ударот на Најнголан, топката го погоди во рака Милер во казнениот простор на Ливерпул.
Резервниот играч Диего Пероти не подлегна на притисокот, го измами Кариус од белата точка и намали на 5-2.
Рома во четврт-финалето на Лигата на шампионите изгуби во Барселона со 4-1, но на „Олимпико“ победи со 3-0 и се пласира во наредната рунда.

Најнови вести