Корисничко име Лозинка Пријави се
23.4.2018

Валверде ќе ја напушти Барселона уште ова лето?

Ернесто Валверде, тренерот на Барселона, ја разгледува можноста да го напушти каталонскиот клуб само по една сезона, која најверојатно ќе ја заврши со двојна круна, пренесуваат шпанските медиуми.

Педесет и четиригодишниот Валверде на „Камп ноу“ дојде минатата сезона од Атлетик Билбао, а како една од причините за неговото можно заминување се наведува несогласувањето со челниците на каталонскиот клуб.
„АС“ прв наведе дека Валверде, кој има договор до јуни 2019 година, би можело да ја напушти Барселона, иако неговиот тим е доминантен оваа сезона во Шпанија. Каталонскиот клуб изминатиот викенд го освои Кралскиот куп со триумфот од 5-0 над Севилја , а само еден бод го дели од шампионската титула во Примера лигата.
„Мундо депортиво“ уште во саботата го најави заминувањето на Валверде, а цитираше неименуван извор од управата на клубот, кој најавил дека на тренерот ќе му биде врачен отказ доколку биде поразен во финалето на Кралскиот куп. Барселона го освои трофејот, но очигледно е дека елиминацијата во четврт-финалето на Лигата на шампионите од Рома многу влијаела врз положбата на искусниот стручњак.
Како што пренесува „АС“, фудбалерите на Барселона во целост го поддржуваат Валверде и биле бесни поради информациите кои се појавиле пред финалето на Кралскиот куп, кој се одигра во Мадрид. И покрај тоа, има шанса летово тие да добијат нов тренер.

Најнови вести