Корисничко име Лозинка Пријави се
16.4.2018

Салах:Важна е Лигата на шампионите, останатото не ме интересира

Мохамед Салах, напаѓачот на Ливерпул, ја игра сезоната од соништата, а како што истакна во изјавата за британските медиуми, приоритет е освојувањето на Лигата на шампионите.

Египетскиот фудбалер е фантастичен уште од почетокот на сезоната, а на листата на стрелците на Премиер лигата  е прв со 30 постигнати погодоци. И покрај тоа, Салах изјави дека не го интересира Златната копачка, туку дека е сконцентриран на освојувањето на Лигата на шампионите.
„Секако дека чувството е одлично, но на крајот на краиштата јас сум среќен само што постигнувам голови и му помагам на тимот. Но, ако би можел да избирам меѓу Лигата на шампионите и наградата за најдобар стрелец, тогаш тоа секако би била Лигата на шампионите, без сомнение. На сите им е важно освојувањето на Лигата на шампионите, останатото не ме интересира“, изјави Салах, кој во сите натпреварувања оваа сезона на 45 натпревари постигна дури 40 гола.
На листата на стрелците на Премиер лигата, по Салах следува Хари Кејн, напаѓачот на Тотенхем, со 25 постигнати гола, додека трет е Серхио Агуеро од Манчестер сити со 21 погодок.
„Сите во тимот се обидуваат топката да ми ја додадат мене, да ми помогнат, сигурен сум дека играчите на Тотенхем се исто такви кон Кејн, а на Сити кон Агуеро. Така е, ама на крајот ние играме како тим“, додаде Салах.
Во полуфиналето на Лигата на шампионите Ливерпул ќе игра против Рома, а Мохамед Салах ќе излезе на мегдан со поранешниот клуб, за којшто настапуваше пред да дојде на „Енфилд роуд“ минатото лето.

Најнови вести