Корисничко име Лозинка Пријави се
12.4.2018

Контроверзен пенал го одведе Реал во полуфиналето!

Реал Мадрид успеа да се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите, иако губеше со 3-0, откако Кристијано Роналдо постигна гол од сомнителен пенал во продолжението на времето.

Јувентус уште во втората минута ја почна невозможната мисија - намалување на минусот од првиот натпревар. Ја одзедоа топката на средината на теренот, одработија одлична полуконтра, а одличниот центаршут на Хедира го искористи Марио Манџукиќ, кој со глава ја затресе мрежата на Реал за 1-0.
Реал се обиде да направи пресврт на натпреварот и што побрзо да дојде до гол, со што би им ги скратиле крилјата на гостите. Иско во 14-тата минута ја затресе мрежата, но тој гол беше поништен поради офсајд. Тој во 34-тата минута имаше уште една колосална шанса, но топката ја испрати на средината на голот и право во рацете на Буфон.
Следуваше казна. Реал повторно беше ранет по неговата лева страна. Стефан Лихтштајнер, кој влезе во 17-тата минута, одлично центрираше од десната страна во 37-мата минута, а на вистинското место повторно беше Манџукиќ, кој пак со глава ја затресе мрежата за 0-2 и ја најави можната историја на италијанскиот клуб.
Италијанскиот шампион во 61-вата минута го направи она што висеше во воздух, успеа да поведе со 3-0. Даглас Коста продолжи да ги доведува до лудило фудбалерите на Реал, ја испрати топката од десната страна, од онаа преку која беа постигнати и претходните два гола. Кејлор Навас тргна да ја фати таа топка, но ја испушти и тој подарок го искористи Матуиди за целосно израмнување на резултатот.
Кога изгледаше дека продолженијата се неминовни, се случи катастрофа за Јувентус во продолжението на времето. Судијата Мајкл Оливер досуди сомнителен пенал по еден дуел меѓу Бенатија и Лукас Васкез. Буфон доби црвен картон по приговорот, а Роналдо успеа да постигне гол и да ја прекине агонијата на Реал.
Во реваншот меѓу Баерн Минхен и Севилја немаше голови и минхенскиот клуб се пласира во полуфиналето бидејќи во првиот натпревар славеше со 2-1.

Најнови вести