Корисничко име Лозинка Пријави се
10.4.2018

Гвардиола: Способни сме за пресврт

Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, изјави дека верува дека неговиот тим може да го надополни поразот од Ливерпул од првиот натпревар во четврт-финалето на Лигата на шампионите.

И покрај доминацијата во Премиер лигата оваа сезона, „граѓаните“ се на работ да бидат елиминирани од елитното европско натпреварување по поразот од 0-3 на „Енфилд роуд“.
„Мораме да одиграме речиси совршен натпревар за да се пласираме понатаму. Имаме 90 минути плус дополнително време, а она што го покажавме оваа сезона, дури и во последниот натпревар, е дека можеме да создадеме многу шанси. Ако не успееме психолошки да се избориме со тоа, тоа ќе биде добра лекција за во иднина. Ова е тест, фудбалот те тестира како и животот“, изјави Гвардиола.
Сити во натпреварот влегува растресен од поразот во градското дерби од Јунајтед минатиот викенд со 3-2, и покрај тоа што на полувремето имаше водство од два гола.
„Мојот тим беше исклучителен. Знам дека луѓето судат според резултатите, но играта на тимот е врвна, не може со ништо да се спореди. Вистинска радост за тренерот, јас сум воодушевен. Дури и кога губевме 3-2, игравме исклучително. Затоа сум среќен“, додаде шпанскиот стручњак.
Сити и Ливерпул вечерва ќе играат по четврти пат сезонава, пред дебаклот во Лигата на шампионите, „граѓаните“ беа поразени од „црвените“ и во Премиер лигата со 4-3, исто така на „Енфилд роуд“, но на почетокот на септември го декласираа ривалот со 5-0 на „Енфилд роуд“.
„Добро се познаваме со Ливерпул. Не смееме да се откажеме ниту ако примиме гол. Многупати го направивме тоа, во краток период можеме да создадеме доста шанси и да постигнеме голови. Но дури и ако не можеме да дадеме гол, не смееме да се предаваме. Ливерпул е добро организиран во одбраната, нема да биде лесно да се создаваат шанси, но мораме да се трудиме“, додаде менаџерот на „граѓаните“.
Сити веќе десетина години претставува еден од најдобрите тимови во Европа, вложува огромни пари во засилувања, но нема резултати надвор од Англија.
„Ни требаат трофеи во Европа, што е комплицирано. Можеби не утре, но со оглед на тоа што го направи клубот во последните десет години - објектите, желбите - тоа ќе се случи. Ако не во оваа сезона, тогаш може во следната, но пред или подоцна ќе се случи“, изјави Гвардиола.
Дуелот меѓу Сити и Ливерпул на програмата се игра вечерва, од 20.45 часот.

Најнови вести