Корисничко име Лозинка Пријави се
10.4.2018

Азар: Мораме да освоиме нешто

Еден Азар, фудбалерот на Челзи, изјави дека на „сините“ не им оди добро, но дека ќе направат сè за да обезбедат место во Лигата на шампионите за наредната сезона.

Бранителите на титулата би можеле да го изгубат местото во Лигата на шампионите, бидејќи моментно заостануваат со 10 бода зад четвртопласираниот Тотенхем во Премиер лигата, а до крајот на првенството остануваат уште шест кола.
„Се надевам дека ќе оствариме макар нешто. Сè уште сме во борба за ФА купот. Мораме да го донесеме трофејот на ’Стемфорд бриџ’“, изјави Азар.
„Кога играте за Челзи, сакате да сте во Лигата на шампионите секоја година. Но минатата не бевме и ја освоивме Премиер лигата. Секогаш од нешто лошо може да излезе нешто добро. Меѓутоа, ќе направиме сè за да се квалификуваме во Лигата на шампионите“, додаде фудбалерот на Челзи.
„Сините“ во последното коло ремизираа со Вест хем, а претходно изгубија од Тотенхем.
„Многу натпревари завршија на истиот начин. Се сеќавам дека ја контролиравме играта против Јунајтед, па изгубивме. Тоа се случи и со Тотенхем. Не оди добро, но мораме да се држиме заедно“, изјави Белгиецот.
Во наредното коло екипата на Антонио Конте ќе игра против Саутхемптон.

Најнови вести