Корисничко име Лозинка Пријави се
05.4.2018

Венгер: Арсенал излезе од кризата

Арсен Венгер, менаџерот на фудбалерите на Арсенал, изјави дека неговата екипа излегла од кризата, по победата во четирите последни натпревари.

По двата последователни порази од по 0-3 од Манчестер сити во Лига купот и во Премиер лигата, односно по четирите последователни порази во февруари и март, Венгер изјави дека омразата која во тоа време ја покажувале навивачите на клубот не му била упатена лично нему, туку на тренерот на Арсенал.
„Бевме многу разочарани со резултатот против Сити. Треба време за да закрепнете од тоа. Менталитетот во екипата е силен и здрав, закрепнавме. Секогаш за екипата треба да судите според начинот на којшто излегува од кризата, а мислам дека тоа е позитивна работа за нас“, изјави Венгер, а пренесе „Скај“.
Арсенал е шести на табелата и заостанува со 13 бода зад четвртопласираниот Тотенхем, а првите четири екипи од Премиер лигата ќе се пласираат директно во Лигата на шампионите. Лондонскиот клуб има шанси да се пласира во тоа елитно натпреварување ако ја освои Лигата на Европа.
Арсенал вечерва, од 21.05 часот ќе игра на домашен терен против ЦСКА Москва во првиот четврт-финален натпревар од Лигата на Европа.
„Ние имаме дополнителен притисок за да оствариме исклучително добар резултат во ова натпреварување, но тоа е дел од работата“, изјави Венгер.
Венгер додаде дека Александр Лаказет е подготвен за натпреварот, но не сакаше да открие дали напаѓачот ќе биде во првиот тим. Тој додаде дека на располагање ги има речиси сите играчи.
Арсенал постигна девет гола во последните три натпревари во убедливите победи против Стоук, Милан и Ватфорд, но посетата на натпреварите на домашен терен опадна.
Навивачите на стадионот во повеќе наврати бараа Венгер да си оди од клубот, а францускиот тренер изјави дека не го загрижува можноста дека атмосферата ќе влијае на екипата во дуелот со ЦСКА.
„Не сум загрижен, навивачите секогаш беа покрај нас кога беше важно. Ставот на публиката ќе зависи од квалитетот на нашата игра. Секогаш сум загрижен кога стадионот не е полн, но мислам дека тоа утре нема да биде проблем, проблем за нас е нашата игра“, изјави Венгер.

 

Најнови вести