Корисничко име Лозинка Пријави се
03.4.2018

Буфон пред Реал: Ниеден тим не е непобедлив

Џанлуиџи Буфо, долгогодишниот голман на Јувентус, пред натпреварот со Реал Мадрид од четврт-финалето на Лигата на шампионите изјави дека никој не е непобедлив.

По десет месеци од минатосезонското финале на Лигата на шампионите, Јувентус и Реал Мадрид повторно ќе се сретнат, овој пат во четврт-финалето на најелитното европско натпреварување.
Тоа ќе биде 20-ти дуел меѓу Јувентус и Реал, а 19-тиот по ред се одигра на Националниот стадион во Кардиф на трети јуни 2017 година, кога Кралскиот клуб славеше со 4-1 и ја освои 12-тата титула во Лигата на шампионите.
„Секој натпревар е поинаков. Не би сакал да биде како во Кардиф, Наша цел е да се бориме до последната минута на натпреварот во Мадрид“, изјави Џанлуиџи Буфон, голманот на Јувентус, за италијанските медиуми.
Јувентус во последните четири дуели во нокаут-фазата беше подобар од Реал и беше последниот тим кој ги елиминира Мадриѓаните од натпреварувањето победувајќи ги во полуфиналето во сезоната 2014/15.
„Реал е подобар тим од Јувентус. Не го кажувам тоа јас, туку историјата. Освојувањето на Лигата на шампионите и понатаму е сон, но ќе биде тешко да се оствари. Ние можеме да се натпреваруваме со Реал, но тие секогаш покажувале дека имаат нешто посебно, поинакво. Што ги прави поинакви? Па, тие се најдобриот тим на светот. Дали некој се сомнева во тоа? Три пати ја освоија Лигата на шампионите во последните четири години, тоа сè кажува“, изјави Буфон.
„Дали овој Реал Мадрид е непобедлив во Европа? Не. Ниеден тим не е непобедлив“, додаде Буфон.
Реал во претходните натпревари имаше девет победи, Јувентус има еден триумф помалку, додека два натпревари се завршени без победник. Двата клуба постигнаа по 22 гола.
Натпреварот се игра вечерва, од 20.45 часот во Торино.

 

Најнови вести