Корисничко име Лозинка Пријави се
31.3.2018

Алегри: Гатузо воведе ред во Милан

Масимилијано Алегри, тренерот на Јувентус, очекува изедначен натпревар против Милан во големото дерби на 30-тото коло во Серија А.

Екипата од Торино ремизираше во последното коло против екипата на СПАЛ, додека Милан има шест врзани победи.
„Куадрадо е во добра форма и ќе биде на клупата против Милан. Состојбата на Кјелини се подобри и тој ќе игра“, изјави Алегри.
„И понатаму сме лути што испуштивме два бода против СПАЛ. Милан во последните десет натпревари доби дури осум. Натпреварот ќе биде изедначен. Гатузо заслужува голема почит за тоа што го направи, го надмина тешкиот почеток. Воведе ред во тимот и му даде карактер. Денес ќе мора да бидеме целосно фокусирани бидејќи Наполи има една цел, а тоа е да го освои Скудетото“, додаде тренерот на Јувентус.
По дуелот со „росонерите“, Јувентус го очекува и првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид.
„За Реал ќе размислуваме од понеделник, ќе играме против најсилниот тим на светот, но не играме со нив само за да би играле. Имаме амбиција да ги победиме“, додаде Алегри.
На прашањето за состанокот на Пауло Дибала со тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, првиот тренер на „старата дама“ изјави:
„Се надевам дека Симеоне го платил ручекот. Она што е најважно е Дибала добро да одигра во завршницата, а тој ќе сака да одигра добро и на Светското првенство.“
Јувентус е прв во Серија А со два бода повеќе од Наполи.

Најнови вести