Корисничко име Лозинка Пријави се
28.3.2018

За Бразилците слатка одмазда, за Германците лекција пред Мундијалот

Фудбалерите на Бразил ја победија Германија со 1-0 во пријателскиот натпревар одигран во Берлин со голот на Габриел Жесус.

Бразилците покажаа дека селекторот Тите, по Дунга, успеа да ја состави екипата во која клучен збор е дисциплината.
Било да станува збор за одбраната, во која формациски немаше многу скокање, или за контрите, во кои Бразилците им задаваа главоболки на Трапа и на Германците, беше виден еден нов Бразил.
Откако дојде на местото селектор, Тите изјави дека Бразил ќе остане без возбудата, но ќе оди на резултат и токму така изгледаше играта на Бразилците против Германија.
Германците не можеа да се заканат во текот на поголемиот дел од натпреварот. Додека Бразилците од контра напаѓаа по страните, во побавните акции одеа низ средината. Германците главно се обидуваа да се заканат од страните и неколку пати Вагнер остана пократок за неколку сантиметри од квалитетен обид со глава.
На другата страна по теренот беа Паулињо, Габриел Жесус, Кутињо и Вилијан, па Ридигер, Боатенг и Трап во ниту еден момент не можеа да се релаксираат.
Едно релаксирање ги чинеше гол во 37-мата минута. Габриел Жесус добро ја зафати топката која од десната страна му ја испрати Вилијан и го совлада Трап за 1-0.
Можеше да постигне гол и неколку секунди порано, кога со финта од контра фантастично ги отстрани двајцата чувари, но топката ја испрати над голот.
Бразил по тој гол беше поконкретен, но резултатот не се менуваше. Единствената вистинска шанса за Германија ја пропушти Јулијан Дракслер во продолжението на времето.
Во другото дерби на вечерта, Англичаните ремизираа со Италија 1-1. Англичаните во водство ги доведе Варди, по асистенцијата на Лингард, и ја искористи досадата на италијанската одбрана за да ја испрати топката под пречката на „аѕурите“ во 26-тата минута.
Италијанците успеаја да изедначат со погодокот на Инсиње во 87-мата минута од пенал, кој главниот арбитер го досуди по консултацијата со технологијата ВАР.

Најнови вести