Корисничко име Лозинка Пријави се
14.3.2018

Барселона – Челзи, чин шести, формалност во Истанбул

Вечерва се игра натпреварот од нокаут-фазата на Лигата на шампионите меѓу Барселона – Челзи, чин шести, во којшто ќе се одлучи кој ќе оди во четврт-финалето.

Денешниот реванш на „Камп ноу“ ќе ја реши дилемата дали Барселона по четврти пат во 18 години ќе го исфрли Челзи во елиминациската рунда или „сините“ ќе го изедначат резултатот на 3-3.
Во првата средба немаше победник на лондонскиот „Стемфорд бриџ“ (1-1), гостите од Каталонија се извлекоа со голот на Лионел Меси на 15 минути пред крајот, што им гарантира помирна ситуација од Челзи.
Со тој гол Челзи испадна од групата од шест тима на коишто Аргентинецот не им дал гол во Европа (Атлетико Мадрид, Интер, Бенфика, Ливерпул, Рубин и Удинезе) и сега пред одбраната на англискиот шампион, која не ја сочува мрежата на последните четири натпревари, стои нова задача - да ја запре првата ѕвезда на Барселона.
Покрај тоа, „сините“ играат и против традицијата. Барселона во историјата на „Камп ноу“ има доживеано само два пораза од англиските клубови, а има 19 победи и 11 ремија.
Дека пред Челзи е голем предизвик, свесен е и темпераментниот менаџер Антонио Конте.
„Мораме да бидеме многу добри ако мислиме да му парираме на еден од најдобрите тимови на светот. Подготвени сме да ги следиме, како и во првиот натпревар, кога бевме речиси совршени. Немаме големо искуство, многу мои фудбалери играат втора сезона на Лигата на шампионите и неопходно е да ја искористиме секоја шанса“, изјави Конте во најавата на натпреварот.
Барселона, со закрепнатиот капитен Андрес Иниеста, го брка дури 11-тото последователно четврт-финале на Лигата на шампионите.
„Челзи е силен противник, посебно во одбраната, и е многу хомоген. Се надевам дека ќе бидеме на ниво и ќе се пласираме понатаму“, кратко изјави Валверде.
Другиот натпревар вечерва е само чиста формалност. Баерн во Истанбул против Бешикташ ќе ја доврши работата за пласман во следната фаза по победата во Минхен со 5-0.
Натпреварот меѓу Бешикташ и Баерн се игра во 18, а меѓу Барселона и Челзи во 20.45 часот.

Најнови вести