Корисничко име Лозинка Пријави се
12.3.2018

На Вест хем му се заканува испаѓање ако продолжат нередите

Фудбалерите на Вест хем во саботата на домашен терен беа поразени од Барнли со 3-0, а по секој погодок имаше немили сцени во кои главни актери беа навивачите на „чеканите“.

Навивачите влегуваа на теренот на стадионот „Лондон“, еден од нив се обиде и да го забоди знаменцето од корнерот на центарот на теренот, додека друг се расправаше со капитенот Марк Нобл. Останатите направија неред на трибините, а нивниот бес го насочија кон сопствениците на клубот обвинувајќи ги за лошата игра на екипата.
Тревор Брукинг, поранешниот напаѓач на Вест хем, изјави дека смета дека лондонскиот клуб ќе заврши во понизок ранг ако продолжи агресивното однесување на навивачите, кое потсети на хулиганството од осумдесеттите години на минатиот век на стадионите во Англија.
„Немојте да доаѓате на стадионот додека играчите не обезбедат бодови за опстанок во Лигата. Ваквата атмосфера не смее да се повтори. Пред последниот свиреж на судијата, двајцата директори мораа да ги напуштат нивните места бидејќи обезбедувањето ги посоветува да го сторат тоа. Потврдено ми е дека директорот Дејвид Саливен бил погоден со паричка во очилата, што беше една од причините да им препорачаат да се повлечат од ложата“, изјави Брукинг.
Вест хем се наоѓа на 16-тата позиција на табелата на Премиер лигата, има 30 бода, а надвор од зоната за испаѓање е само за две позиции.
„Таквата атмосфера не би смеела да се повтори на преостанатите пет натпревари дома, бидејќи клубот ќе има големи проблеми, а играчите нема да можат да дадат сè од себе. Клубот мора во соработка со полицијата да ја обезбеди ситуацијата, не смее да се случи работите да бидат надвор од контрола. Изгледаше како да се враќаме на старите лоши денови од пред 20-25 години. Видов како семејствата си заминуваат од трибините бидејќи децата беа исплашени. Не можев да поведувам дека навивачите на Вест хем се способни за таквата нивна агресија“, додаде 69-годишниот Брукинг.
Англиската полиција наведе дека имало четири одвоени упаѓања на теренот, а дека се истражуваат две обвиненија за напад.

Најнови вести