Корисничко име Лозинка Пријави се
08.3.2018

Јувентус од амбис до четврт-финале, Сити поразен од Базел

Фудбалерите на Јувентус и на Манчестер сити се пласираа во четврт-финалето на Лигата на шампионите и им се придружија на Реал Мадрид и Ливерпул.

Јувентус во дербито на денот го совлада Тотенхем со 2-1 по големиот пресврт на „Вембли“, каде што „старата дама“ беше подредена повеќе од 60 минути.
Комбинираниот тим на „граѓаните“ беше поразен по 13 последователни победи на „Етихад“, славеше Базел со 2-1, исто така по пресвртот, но резултатот 4-0 од првиот натпревар му беше доволен на тимот на Пеп Гвардиола за пласман во следната фаза.
Тотенхем 60 минути доминираше против Јувентус, во целост ја надигра „старата дама“, чии играчи немаа решение за брзоногите офанзивни фудбалери на „петлите“.
Играчите на англискиот тим беа импресивни во првото полувреме, но прашање е каков тек би имал натпреварот доколку Јувентус не беше оштетен за чист пенал во 17-тата минута, кога Фертоген го собори Коста во казнениот простор.
Но, предводени од расположениот Сон, домаќините константно се закануваа пред голот на Буфон, Јужнокореецот пропушти три одлични шанси, а во 39-тата минута конечно успеа да го совлада легендарниот Италијанец.
Изгледаше дека Тотенхем ќе успее да го елиминира вицешампионот на Европа, но сè се смени во последниот половина час. Масимилијано Алегри ја презеде контролата и воведе двајца офанзивни бека, коишто направија пресврт на ситуацијата.
Во рок од три минути, Јувентус постигна два гола и го реши натпреварот. Јунаци на „старата дама“ беа Аргентинци, Гонзало Игуаин го изедначи резултатот по центаршутот на Лихтштајнер и реакцијата на Хедира со глава, а Пауло Дибала, по асистенцијата на земјакот, лесно го матира Уго Љорис.
Тотенхем тргна на сè или ништо во финишот, но немаше среќа. Седум минути пред крајот, Сон одлично шутираше од 16 метри, но за малку покрај голот.
Уште подобра шанса имаше Кејн во 90-тата минута, по центаршутот Сон ги надвиши двајцата чувари, но ја погоди само стативата и Јувентус и се пласира во следната фаза.

Најнови вести