Корисничко име Лозинка Пријави се
07.3.2018

ПСЖ немоќен без Нејмар, Реал ги нокаутираше „светците“

Фудбалерите на Реал Мадрид и на Ливерпул се пласираа во четврт-финалето на Лигата на шампионите.

Реал го победи ПСЖ со 2-1 во реваншот во Париз и со вкупен резултат 5-2 го елиминира францускиот клуб, кој беше еден од главните предизвикувачи за европскиот трон.
Ливерпул и Порто ремизираа без голови на „Енфилд роуд“, па „црвените“ се пласираа во четврт-финалето благодарение на импресивниот резултат 5-0 од „Драгао“.
ПСЖ немаше сила да им се спротивстави на Мадриѓаните без Нејмар да Силва. „Светците“ имаа иницијатива во првото полувреме на „Паркот на принцовите“, но бесполезна.
Реал беше значително поопасен од контранападите, а голманот Алфонс Ареола не им дозволи на Шпанците уште во првото полувреме да ја заверат победата во двомечот.
Дури на крајот на првото полувреме, ПСЖ конкретно се закани пред голот на Реал, но меѓу стативите кај Мадриѓаните одличен беше голманот Кејлор Навас.
На почетокот на второто полувреме, Реал дојде до одлучувачкиот гол. Лукас Васкез фантастично центрираше од левата страна, а Кристијано Роналдо на другата статива се крена високо и со глава го постигна 14-тиот гол во натпреварувањето оваа сезона, а на деветтиот последователен натпревар.
Парижаните потоа ги испуштија конците на играта, посебно се изнервира Марко Верати, кој поради приговорот кон судијата, доби втор жолт картон.
Неколку минути подоцна, ПСЖ го израмни резултатот. Единсон Кавани одлично се снајде во гужвата во казнениот простор на Реал и некако успеа да ја испрати топката во голот.
Но, домаќинот не успеа да го избегне поразот и збогувањето од Европа. Десет минути пред крајот, по лошата реакција на домашната одбрана, Каземиро, со помош на одбивањето, му донесе нова победа на Реал.
Лигата на шампионите продолжува денес, Манчестер сити ќе го дочека Базел (првиот натпревар 4-0), додека дерби се игра на „Вембли“, каде што Јувентус ќе гостува кај Тотенхем (2-2 во Торино).

Најнови вести