Корисничко име Лозинка Пријави се
05.3.2018

Вардар со реми заврши на првото место

На последниот натпревар од групната фаза, Вардар на домашен терен одигра реми 31-31 (16-16) со Висла и директно се пласираше во четврт-финалето на ракометната Лига на шампиони.

Вардарци имаа шанса да победат, но гостинскиот голман Марчин Вичари го одбрани ударот на Стоилов во последните секунди од средбата.
Полската екипа мораше да оствари победа во Скопје, без оглед на дуелот на ППД Загреб, за да игра во топ-16 фазата, па натпреварот го почнаа со надеж дека Вардар ќе биде помалку мотивиран бидејќи веќе обезбеди пласман и ќе може порелаксирано да го одигра последниот натпревар.
Гостите имаа водство уште на почетокот на натпреварот, а „црвено-црните“ се обидуваа да израмнуваат. На Раул Гонзалес му требаше време додека да ги најде седумте играчи што ќе може да ја пробијат противничката одбрана. Почна со Борозан и Криштопанс, па продолжи со Кањелас, Карачиќ и Македа. На синоќешната средба ниту на Штербик не му одеше најдобро, па во 18-тата минута меѓу стативите застана Страхиња Милиќ. Тоа беше периодот во кој гостите првпат на средбата направија предност од три гола за водство 10-7, а потоа уште двапати имаа разлика од три погодока, 11-8 и 12-9.
Висла одлично играше во нападот, некогаш и со повеќе среќа ја добиваа топката, а имаа и погодоци тешки за одбрана. Вардар го надмина заостанувањето од три гола и израмни на 12-12, а потоа и на 14-14, но нашите ракометари правеа многу грешки, кои Висла секогаш ги казнуваше. 
Во последните две минути од натпреварот, „црвено-црните“ искористија две одбрани на Милиќ, потоа беа и со играч помалку откако беше исклучен Абутовиќ.
Првото полувреме заврши со реми 16-15, а во вториот дел се играше со отворени карти. По десет минути игра, Висла поведе, потоа Вардар и водството го задржа до крајот на натпреварот. Имаше предност од три гола, 27-24, но поради грешките, полскиот тим израмни и имаше неизвесна завршница.
На крајот се играше гол за гол, Вардарци ќе поведеа, а Висла ќе израмнеше. Во последната минута Цилиндриќ погоди за водство од 31-30, но Дуарте израмни. Во нападот на Вардар во последните 20 секунди Стоилов ја испрати топката кон мрежата, но таа заврши во ногата на гостинскиот голман.
Натпреварите од четврт-финалето на Лигата на шампионите ќе се играат во периодот од 18-ти до 22-ри април, и тоа прво на гостински терен, а реваншот е во периодот од 25-ти до 29-ти април во СЦ „Јане Сандански".

Најнови вести