Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
26.2.2018

Лига куп: Тројка на „граѓаните“ за првенец на Гвардиола

Манчестер сити го освои првиот трофеј оваа сезона откако во финалето на Лига купот го совлада Арсенал со 3-0.

Иако двете екипи во четврток ќе играат во натпреварот од 28-мото коло на Премиер лигата, во Лига купот ги изведоа речиси најсилните состави.  На Сити му недостасуваше повредениот Рахим Стерлинг, додека Габриел Жесус беше на клупата, а за Арсенал не играше само Хенрих Мхитарјан. Подобро почна Сити, но прва вистинска шанса имаше Пјер-Емерик Обамејанг, кој пропушти да го матира Клаудио Барво само од неколку метри. Казната следуваше набрзо. Браво во 18-тата минута ја испрати топката напред, Шкодран Мустафи дозволи топката да го прелета, а таа падна право на ногата на Серхио Агуеро, кој истрча до шеснаесетникот и му ја префрли на Оспина за 1-0.
Од тој момент постоеше само еден тим – Манчестер сити. Тежок удар за „топчиите“ следуваше во 58-мата минута, кога Винсан Компани постигна гол по одличната акција од корнер. Тоа на Белгиецот му е прв гол од 21-ви мај минатата година. Само седум минути подоцна, Давид Силва го постигна третиот гол и практично го одлучи победникот. Нешто што дополнително ги израдува навивачите на Манчестер сити е тоа што во игра влезе Габриел Жесус, кому тоа му е прв натпревар во 2018 година откако се повреди на натпреварот против Кристал палас на последниот ден од минатата година.
На Сити овој му е петти трофеј во Лига купот, прв од 2016 година, кој воедно му беше и последен. Воедно, овој му е прв трофеј на Пеп Гвардиола откако дојде на „Етихад“ минатото лето. На Арсенал ова му е трет последователен пораз во финалето на Лига купот, а трофејот го има освоено два пати.

Најнови вести