Корисничко име Лозинка Пријави се
23.2.2018

Венгер: Самозадоволни, без идеи и со проблеми

Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал,изјави дека не е задоволен од изданието на неговите фудбалери во поразот од шведскиот Естерсунд, иако е обезбеден пласман во осминафиналето на Лигата на Европа.

Естерсунд со головите на Хосам Ајес и Кен Сема во 22-рата и во 23-тата минута на „Емирати“ сериозно им се закани на „топчиите“, коишто пред една седмица во Шведска победија со 3-0.
Олеснување на навивачите на Арсенал им донесе Сеад Колашинац со голот во 47-мата минута, што беше и конечен резултат – Арсенал беше поразен со 2-1.
„Не бевме присутни во првото полувреме. Имавме проблеми бидејќи бевме самозадоволни и без фокус. Секој пат кога ќе ја изгубевме топката, противникот имаше отворен пат. Кога ја имавме топката, немавме идеја. Поради тоа имавме проблеми. Во второто полувреме беше многу подобро. Во целина добро реагиравме. Ја завршивме работата со пласман во следната фаза и тоа е единственото што треба да се запамети од оваа вечер. Факт е дека победивме со 3-0 во првиот натпревар и дека имаме важен дуел во недела, но не можете само да се појавите и да победите бидејќи потсвесно го мислите тоа“, изјави Венгер.
Арсенал викендов нема да игра во Премиер лигата, туку го очекува натпреварот од финалето на Лига купот против Манчестер сити на „Вембли“. Овој натпревар на програмата е во недела, од 17.30.

Најнови вести