Корисничко име Лозинка Пријави се
22.2.2018

Де Хеа го спаси очајниот Јунајтед, пресврт на Шахтар против Рома!

Севилја и Манчестер одиграа без голови, додека Шахтар по пресвртот ја порази Рома со 2-1 на крајот на првите средби од осминафиналето на Лигата на шампионите.

Андалузијците целосно го надиграа скапоцениот тим на Жозе Мурињо, имаа четири пати повеќе удари од славниот ривал (25:6), но не можеа да го совладаат одличниот Давид де Хеа.
Маестралниот шпански голман блескаше во првото полувреме, запирајќи ги сите обиди на домаќините, а посебно беше импресивна интервенцијата во последните моменти на играта во првите 45 минути – кога успеа да го запре ударот со глава на Стивен Н’зонзи само од неколку метри.
Ниту второто полувреме не донесе нешто ново, односно какво било подобрување во екипата на Јунајтед, а повторно Севилја беше таа која константно вршеше притисок и бараше шанса да дојде до водство.
Де Хеа продолжи да брани во ист манир и да ги фрла во очај Луис Муриел, Хоакин Кореа и Франк Васкез, додека голот на Ромелу Лукаку, по асистенцијата на Пол Погба, оправдано му беше поништен бидејќи Белгиецот играше со рака.
На средбата меѓу Шахтар и Рома, во 41-вата минута Един Џеко маестрално го проигра Џенгиз Ундер, а тој пак, со малку среќа, топката ја смести зад грбот на Андриј Пјатов.
Но, тоа не ги обесхрабри домаќините, коишто по седум минути игра во продолжението дојдоа до изедначување. По додавањето на Ракицки, Алесандро Флоренци направи голема грешка која не пропушти да ја казни Факундо Фереира и по одличниот продор, топката ја испрати покрај Алисон.
Голманот на Рома имаше неколку спектакуларни интервенции, но не можеше ништо ниту во 71-вата минута, кога Фред на прекрасен начин го изведе слободниот удар од дваесет и пет метри, а топката од пречката се одби во мрежата.
Реванш-натпреварите на програмата се за три седмици на „Олд Трафорд“ односно на „Олимпико“.

Најнови вести