Корисничко име Лозинка Пријави се
13.2.2018

Хиршер конечно го дочека златото!

Австрискиот скијач Марсел Хиршер се закити со златниот медал во алпската комбинација на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг и со тоа дојде до неговата прва титула олимписки шампион.

По одложувањето на машкиот спуст и на женскиот велеслалом, програмата во алпско скијање конечно почна, но не без проблеми. Стартот беше поместен поради силниот ветер, но спустот во рамките на комбинациите стартуваше навреме, додека патеката во велеслалом не беше класична, туку поради условите беше направена со мраз.
Хиршер до најголемото одликување дојде за време од 2:06.52 минути и конечно го дочека својот момент да заблеска и на Игрите. Шесткратниот освојувач на Кристалниот глобус досега имаше само сребро во слаломот од пред четири години во Сочи, а сега успеа да ја пополни неговата колекција од медали, бидејќи има уште четири светски индивидуални златни медали.
Сребрениот медал го освои Французинот Алекси Пантиро, а на третото скалило од победничкиот престол се најде неговиот сонародник Виктор Мифа-Жанде.
По најдобрите тројца, следуваше Австриецот Марко Шварц, пред Лигети, уште еден француски скијач Томас Мермило-Блондан и Јансруда. Меѓу првите десетмина се најдоа и двајцата Словенци, Стефан Хадалин и Клемен Коси на осмото и на десеттото место, а меѓу нив се вметна Дресен. 
Хиршер на Австрија и го донесе второто злато, а првото го освои санкачот Давир Грајршер, кој го симна од тронот двократниот олимписки шампион Феликс Лох.
Наредната трка се скија во четврток, за кога е закажан спустот, кој требаше да биде одржан во неделата, но беше откажан поради силниот ветар.