Корисничко име Лозинка Пријави се
12.2.2018

Марсело: Еден ден Нејмар ќе биде во Реал

Марсело, левиот бек на Реал Мадрид, изјави дека смета дека Нејмар, неговиот колега од бразилската репрезентација, еден ден сигурно ќе игра за Кралскиот клуб, како и тоа дека лесно ќе се вклопи во средината.

Нејмар до минатото лето ги бранеше боите на Барселона, а потоа во рекорден трансфер од 222 милиони евра отиде во ПСЖ. Иако на „Паркот на принцовите“ е малку повеќе од шест месеци, во Париз одамна се шпекулира за неговото незадоволство.
Познато е дека Нејмар има несогласувања со Единсон Кавани околу изведувањата на пеналите, а веќе подолго време се шпекулира дека Реал подготвува нова голема понуда за поранешниот офанзивен играч на големиот ривал од Каталонија.
И Марсело, дефанзивниот играч на Реал, изјави дека смета дека местото на Нејмар е на „Сантијаго Бернабеу“.
„Мислам дека Нејмар еден ден ќе игра за Реал. Дали Нејмар би се вклопил во средината во Реал? Секако. Би било одлично ако дојде во Реал. Според мое мислење, одличните играчи треба да играат овде“, изјави Марсело.
Нејмар можеби сè уште нема да игра во белиот дрес на Реал, но на мегдан против Мадриѓаните ќе излезе во среда, кога ПСЖ ќе гостува на првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.
Бразилецот може да се пофали со одлична сезона во дресот на „светците“, на 27 натпревари постигна 28 погодоци и имаше дури 16 асистенции.

 

Најнови вести