Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
12.2.2018

Интер победи по повеќе од два месеца!

Фудбалерите на Интер пред домашната публика ја победија Болоња со 2-1 во натпреварот од 24-тото коло на Серија А.

Избраниците на Лучијано Спалети одлично ја почнаа сезоната и на трети декември се искачија на првото место откако го совладаа Киево со 5-0.
Оттогаш, „нераѕурите“ одиграа осум натпревари и на ниеден не победија – имаа два пораза и шест ремија.
Конечно, по големиот пост, Интер победи. Домашниот состав во водство го доведе Едер во втората минута од средбата.
Брозовиќ одлично му асистираше на Едер, а тој многу добро се снајде и го совлада Антонио Миранте. Но, до полувремето следуваше одговор од страна на Болоња.
Родриго Паласио, поранешниот играч на Интер, во 25-тата минута ја искористи големата грешка на дефанзивната линија на Интер и постигна гол. На паузата резултатот беше 1-1.
Во второто полувреме од натпреварот како херој се покажа младиот Французин Јан Карамо. Дваесетгодишниот играч во комбинираше со Рафиња и со удар од околу 20 метри го постигна првиот гол во дресот на Интер.
Дека клубот од Милано ќе победи, се виде во 68-мата минута, кога Мбаје доби втор жолт картон. Интер со оваа победа се искачи на третото место со 48 бода, додека Болоња е 12-та со 27.
Во останатите натпревари, Сампдорија ја победи Верона со 2-0. Головите за Сампдорија ги постигнаа Барето во 50-тата и Квалјарела во 85-тата минута.
Триумф во 24-тото коло на Серија А оствари и екипата на Торино, која со 2-0 беше подобра од Удинезе. Победата на „биковите“ има ја донесоа Н’кулу (32) и Белоти (66).
Екипата на Џенова победи на гостувањето против Киево со 1-0. Херој за гостите беше Лаксалт во 91-вата минута.

Најнови вести