Корисничко име Лозинка Пријави се
29.1.2018

Штербик брилијантен – Шпанија прв пат европски шампион!

Ракометната репрезентација на Шпанија триумфираше на Европското првенство во Хрватска по победата над Шведска во финалето со 29:23 (12:14).

„Црвената фурија“ никогаш досега не ја освоила титулата на Стариот континент, сè до вчера. Шпанците одиграа совршено второ полувреме и заслужено стигнаа до европскиот врв. 
Во вторите 30 минути одлично бранеше голманот на Вардар Арпад Штербик кој шанса доби во средината на првото полувреме, а во второто имаше осум одбрани.
Шведска последен пат финале играше во 2002 година и од тогаш не успеваше да стигне до завршницата на турнирот.
Најефикасни во победничкиот состав беа Феран Соле и Давид Балагуер со пет голови, а четири постигнаа Раул Ентреријос, Аитор Арино и Алекс Душебаев.
Кај Швеѓаните најдобар беше Јеспер Нилсен кој постигна пет голови.
Шпанците со години се едни од најконстантните ракометни репрезентации, но никако не стигаа до златото. Четирипати беа сребрени, два пати бронзени, а сега конечно заслужено стигнаа и до златниот медал.
Во мечот за бронзата Франција предводена од Никола Карабатиќ (девет голови од 11 обиди) ја победи Данска со 32-29 (17-14).

Најнови вести