Корисничко име Лозинка Пријави се
18.1.2018

Венгер: Санчес си оди, но ќе дојдат Мхитарјан и Обамејанг

Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, изјави дека Алексис Санчес најверојатно ќе го напушти клубот и ќе направи трансфер во Манчестер јунајтед.

Французинот додаде дека Пјер-Емерик Обамејанг, напаѓачот на Борусија Дортмунд, и блиску до трансфер на „Емирати“, како и Хенрих Мхитарјан токму од Јунајтед.
„Ситуацијата со Санчес на сите ви е добро позната од медиумите, така што јас не мора многу да зборувам за тоа. Може да дојде до трансфер, но и не мора. Доколку не дојде до трансфер, тој ќе игра во сабота против Кристал палас. Во оваа работа сум 30 години и можам да кажам дека најверојатно ќе дојде до негов трансфер, но секоја минута трансферот може и да пропадне. Ништо не е сто отсто сигурно“, изјави Венгер, а пренесе Би-би-си.
Во последните денови доста се шпекулираше околу трансферот на Чилеанецот во Јунајтед, а како дел од договорот се споменуваше и тоа дека Ерменецот ќе дојде во Арсенал.
„Можно е Мхитарјан да дојде бидејќи јас го сакам тој играч. Мојот тим многупати играше против него додека беше во Борусија Дортмунд и знам дека тој исклучително ја цени нашата игра. Неговата плата овде не би била проблем“, изјави тренерот на „топчиите“.
Тој додаде дека нема забелешки за однесувањето на Санчес и додаде дека Чилеанецот претходните денови целосно бил посветен на тренинзите.
„Тој има 29 години и следниот договор за него е многу важен“, додаде Французинот.
Новинарите се интересираа и за тоа дали се точни шпекулациите дека Обамејанг ќе дојде во Арсенал.
„Немам што да кажам... За тие работи подобро е да не се зборува бидејќи се подобри кога се тајни и кога не ги коментирате пред да се официјализираат“, изјави Венгер.
Тој исклучително му се заблагодари на неговиот досегашен играч Тео Волкот, кој направи трансфер во Евертон, и додаде дека Месут Озил нема да го напушти клубот во текот на зимскиот преоден рок.
Венгер изјави дека Арсенал финансиски не може да се бори со Јунајтед и со Сити, но дека е уверен дека може на теренот, додавајќи дека го поддржува воведувањето на технологијата ВАР во фудбалот.

Најнови вести