Корисничко име Лозинка Пријави се
16.1.2018

Санчес пред трансфер во Јунајтед

Британските медиуми очекуваат Манчестер јунајтед во наредните денови да го официјализира трансферот на Алексис Санчес од лондонскиот Арсенал.

Жозе Мурињо наводно се согласил на „топчиите“ да им плати 35 милиони фунти за Чилеанецот, кому налето му истекува договорот, а кој само до пред неколку седмици беше виден во редовите на градскиот ривал Сити.
На Островот тврдат дека трансферот е завршен 75 отсто, па вчера „граѓаните“ и дефинитивно се откажаа од Санчес, но и другиот заинтересиран клуб, Челзи.
Реализацијата наводно ја одлага обидот на Арсенал за малку пониска сума, околу 30 милиони, да го добие играчот за врска Хенрих Мхитарјан, кој не е во плановите кај Мурињо оваа сезона. Но, Јунајтед го цени Ерменецот многу повеќе од тие пет милиони, бидејќи пред година и пол го плати 30.
Арсен Венгер првобитно како дел од трансферот на Санчес го побара младиот Французин Антони Мартијал, но Мурињо изразито ја одби таквата можност.
Санчес наводно веќе може да бара куќа во Манчестер, а лесно ќе ја плати бидејќи според сознанијата на медиумите, би требало седмично да добива 400.000 фунти, 60.000 повеќе отколку што му нудеше Сити, а со тоа ќе стане четврт најплатен играч на светот.
Многумина се сомневаат дека 29-годишниот Санчес вреди сто милиони фунти, колку што ќе изнесува трансферот кога ќе се собере и платата која ќе ја добива веројатно за три и полгодишниот договор, но други веднаш го поврзаа со Робин ван Перси.
Холанѓанецот, исто така, беше бомба во преодниот рок кога во средината на август 2012 година се пресели од Арсенал во Јунајтед за 22,5 милиони фунти. Тоа беше вистински потег на Алекс Фергусон, бидејќи таа сезона Јунајтед ја освои Премиер лигата, што е и последна титула на „црвените ѓаволи“.
Фудбалските аналитичари од Англија сметаат дека Санчес ќе биде совршено засилување за Јунајтед, играч кој би можел да ги врати трофеите на „Олд Трафорд“. Мурињо нема доволно врвни фудбалери за ротирање, а екипата покрај во Премиер лигата, и понатаму се бори и во Лигата на шампионите.
Санчес на „Олд Трафорд“ ќе го носи легендарниот број седум.

Најнови вести