Корисничко име Лозинка Пријави се
03.1.2018

Ново продолжение на теленовелата „Кутињо“

И официјално ја имаме новата сапуница кај трансферите, овој пат под името Филипе Кутињо.

Почна преодниот рок, па секој ден ќе имаме по две-три вести за неговиот трансфер од Ливерпул во Барселона, односно за останувањето на „Енфилд роуд“.
Шпанските медиуми повеќе седмици го најавуваа доаѓањето на Бразилецот на „Камп ноу“, каде што беше виден уште летоска, но Јирген Клоп ја одби понудата од околу 130 милиони евра, и покрај големата желба на играчот да си оди.
Таа сага некое време влијаеше на формата на Кутињо, а иако не е ниту приближно убедлив на теренот како минатата сезона, веќе постигна 12 гола на 18 натпревари за „црвените“.
Пред неколку дена приказната дополнително ја зачини компанијата „Најки“ со рекламата за Барселона со името на Кутињо на дресот, а само еден ден подоцна тој неочекувано го пропушти натпреварот на Ливерпул, наводно поради повреда.
Англиските медиуми набрзо објавија дека всушност во прашање е негов штрајк бидејќи овој  месец сака да се пресели во сончевата Шпанија. Првите два дена од преодниот рок немаше многу чад, но третиот изби пожар на Островот – Ливерпул бара 150 милиони евра.
Од нив, Барселона на „црвените“ ќе мора веднаш да им исплати 130 милиони, а остатокот тимот од „Енфилд роуд“ би го добил низ бонуси од настапите на 25-годишниот плејмејкер.
Нема сомнение дека и доаѓањето на Вирџил ван Дајк за рекордни 80 милиони евра за еден стопер исто така ја подгреа приказната за заминувањето на Кутињо, бидејќи Ливерпул ретко троши многу пари, а попатно да не ги заработи.
Кутињо со Ливерпул има договор до летото 2022 година вреден 170.000 евра седмично, а го потпиша само пред 12 месеци, така што веројатно во текот на целиот овој месец ќе ја гледаме оваа ТВ-новела.

Најнови вести