Корисничко име Лозинка Пријави се
30.12.2017

Хамшик го задржа Наполи на чело за крајот на 2017 година

Фудбалерите на Наполи го победија Кротоне на гостувањето со резултат 1-0 во натпреварот од 19-тото коло на Серија А и со тоа 2017 година ја завршија на првата позиција на табелата.

Јунак на победата на „наполитанците“ беше Марек Хамшик, кој го постигна единствениот гол на натпреварот во 17-тата минута, по асистенцијата на Алан. Словачкиот фудбалер, од минатата недела рекордер според бројот на голови во дресот на Наполи, одлично реагираше по убавата асистенција и прецизно ја испрати топката во десната страна на статива. Хамшик досега постигна 117 голови за клубот од југот на Италија, два повеќе од легендарниот Диего Марадона.
Наполи имаше иницијатива во текот на целиот натпревар, можеше да дојде и до поубедлива победа, но одбраната на Кротоне добро реагираше, за разлика од неговиот напад. Но, домаќините не беа задоволни од судењето на Маурицио Маријани поради серијата инциденти во второто полувреме. Во центарот на вниманието беше ситуацијата од 60-тата минута, кога Дрис Мертенс очигледно одигра со рака пред неговиот гол.
Кротоне бараше пенал и во судиското продолжение, по контактот меѓу Маџо и Џакерини во шеснаесетникот.
Наполи ја постигна четвртата победа по ред по трите натпревари без триумф, па сега има 48 бода на чело на табелата. Второпласираниот Јувентус има 44, но и натпревар помалку, а денес ќе гостува кај Верона.
Кротоне остана во опасната зона, на 18-тата позиција, со 15 освоени бода.

Најнови вести