Корисничко име Лозинка Пријави се
28.12.2017

Надал ќе го пропушти Бризбејн, можеби и Отвореното првенство на Австралија

Шпанецот Рафаел Надал, првиот тенисер на светот, соопшти дека нема да учествува на турнирот во Бризбејн на почетокот на јануари, а како што пренесуваат британските медиуми, големи се шансите дека нема да игра ниту на првиот грен слем турнир во оваа сезона на Отвореното првенство на Австралија.

Надал синоќа на социјалните мрежи изјави дека сè уште не е подготвен бидејќи подоцна почнал со подготовките за новата сезона.
„Жал ми е, но морам да соопштам дека овој пат не доаѓам во Бризбејн. Имав намера да играм, но и понатаму не сум подготвен по долгата сезона, како и поради тоа што подоцна почнав со подготовките за новата сезона. Во Бризбејн поминував одлично време и тоа беше добар почеток на месецот во Австралија. Моите навивачи во Австралија ќе може да ме видат на четврти јануари, кога ќе дојдам во Мелбурн и ќе почнам со подготовките за Отвореното првенство на Австралија“, изјави Надал.
Надал уште претходно соопшти дека нема да игра на турнирот во Абу Даби, а сега го откажа и учеството во Бризбејн, турнирот кој се игра од први до седми јануари и служи како добра подготовка за Отвореното првенство на Австралија.
Шпанецот по освојувањето на Отвореното првенство на САД во септември, имаше проблеми со коленото, па последниот натпревар го одигра во ноември, кога на завршниот турнир на АТП го совлада Давид Гофен.
Надал потоа се откажа од понатамошното натпреварување во Лондон, а сега е под голем знак прашалник и за Отвореното првенство на Австралија, кое почнува на 15-ти јануари, каде што шпанскиот тенисер минатата година изгуби во финалето од Роже Федерер.
Во Бризбејн нема да биде ниту австралискиот тенисер Бернард Томиќ, кој би требало да игра квалификации. Тој сè уште не го образложил неговиот отказ, но австралиските медиуми шпекулираат дека би можело и да направи пауза во кариерата.

Најнови вести