Корисничко име Лозинка Пријави се
19.12.2017

Преродбата на Евертон продолжува, Свонси „фенерџија“

Екипата на Евертон ја забележа третата победа во последните четири дуели во Премиер лигата откако пред домашната публика го совлада Свонси со 3-1.

Избраниците на Сем Алардајс сега се наоѓаат на деветтото место со 25 бода, додека Свонси остана на дното само со 12 освоени бода од 18 натпревари.
Во последниот натпревар од 18-тото коло имаше добра игра на двете страни, а дуелот беше одлучен со погодокот на Гилфи Сигурдсон.
Гостите во 35-тата минута поведоа со 1-0, кога Лерој Фер го совлада Џордан Пикфорд. Се чинеше дека со тој резултат ќе се отиде на пауза, но во продолжението на времето беше досуден пенал.
Руни од пеналот ја погоди стативата, но топката се одби до Доминик Калверт-Левин, кој успеа да ја испрати во голот.
Во продолжението на натпреварот, Гилфи Сигурдсон постигна феноменален гол и практично ја реши средбата. Исланѓанецот беше прецизен од околу 25 метри, а Фабијански немаше никакви шанси.
Победата ја потврди Вејн Руни, кој повторно изведуваше пенал, но овој пат беше прецизен. До крајот на натпреварот немаше веќе гол, па крајниот резултат меѓу Евертон и Свонси беше 3-1.

Најнови вести