Корисничко име Лозинка Пријави се
14.12.2017

Интер и Јунајтед планираат размена

Италијанскиот Интер и англискиот Манчестер јунајтед во јануарскиот преоден рок би можело да направат трампа на офанзивните играчи за врска.

Како што пренесува спортскиот дневник „Кориере дело спорт“, „нераѕурите“ им го понудиле на „црвените ѓаволи“ Жоао Марио за Хенрих Мхитарјан.
Марио има 24 години, Интер пред година и пол го плати 45 милиони евра на Спортинг, но не ги оправда очекувањата во Милан. На 43 натпревари постигна само три гола.
Од друга страна, Мхитарјан, исто така, летото 2016 година од Борусија направи трансфер во Јунајтед за околу 40 милиони евра, но и тој потфрли, посебно оваа сезона, во која ретко игра кај Жозе Мурињо (два гола на 17 натпревари).
Мхитарјан не беше во протоколот на Јунајтед за седум од последните осум натпревари.
„Можам да имам само шест измени на клупата од играчите, а морам да внимавам да направам баланс. Имам двајца дефанзивни играчи и Дејли Блинд, кој може да игра на неколку позиции. Го имам Ешли Јанг, кој ми ја покрива целата десна страна на теренот. Го имам Андер Ерера како централен играч за врска, Маркус Рашфорд како втор напаѓач, Златан Ибрахимовиќ како центарфор, а во првиот тим ми се Антони Мартијал, Хуан Мата и Џеси Лингард. Со Мики (прекарот на Мхитарјан), би значело дека немам некој од нив, а во овој момент мислам дека останатите заслужуваат да играат“, вчера изјави Мурињо.
Интер би можело да си направи себеси проблем за еден друг планиран трансфер во случај ако дојде Мхитарјан. Ерменецот би ја зазел позицијата играч надвор од Европската унија, а потоа „нераѕурите“ не би можеле да го доведат Рамирес од кинескиот Џангсу Сунинг.
Првобитно, во Милан планирале Марио да го испратат во ПСЖ, а за возврат од Парижаните да го добијат Аргентинецот со италијански пасош Хавиер Пасторе, но Лучијано Спалети, тренерот на Интер, го преферира Мхитарјан.

Најнови вести