Корисничко име Лозинка Пријави се
08.12.2017

Вардар со реми се прости од Лигата на Европа

Вардар во последното коло од групната фаза на Лигата на Европа одигра 1-1 против Розенборг и го освои првиот, историски европски бод, но македонскиот шампион може да жали што не стигна до првата победа.

Вардарци го одиграа својот најдобар натпревар есенва во Европа. Норвешкиот шампион беше на работ на пораз, „црвено-црните“ не ги искористија шансите, а Норвежаните преку пенал стигнаа до бод во Скопје.
Вардар одлично го почна натпреварот и во деветтата минута поведе со 1-0. Демири нафрли до Николов кој топката ја спушти до Итало, а тој рутински ја погоди мрежата на Розенборг за водство на Вардар.
Следуваа неколку големи шанси за Вардар преку стрелецот на голот, во првиот обид голманот Хансен среќно одбрани, а во следната прилика Бразилецот ја погоди стативата.
Вардар доминираше на теренот, но пред крајот на полувремето Адегбенро се проби во шеснаесетникот, Гачевски го собори, а судијата покажа на белата точка. Бендтнер без проблеми го реализираше пеналот за израмнување на 1-1.
Во 51-ата минута Фелипе од слободен удар имаше можност, но биеше за малку над голот.
Во 75-тата минута Фелипе нафрли од слободен удар, Новак биеше со глава, но голманот на гостите со крајни напори спречи ново водство на Вардар.
До крајот на мечот Вардар се обидуваше да создаде шанса за втор гол, но резултатот остана непроменет.
Вардар со еден бод во групата Л го заврши првиот, историски настап во Лига Европа кој го почна слаби игри, но како го стекнуваше потребното искуство прикажуваше се подобри партии. 

Најнови вести