Корисничко име Лозинка Пријави се
15.11.2017

„Аѕурите“ почнаа преговори со Анчелоти

Фудбалскиот сојуз на Италија почна да преговара со Карло Анчелоти околу преземањето на клупата на „аѕурите“.

Сојузот ги почна преговорите и покрај тоа што сегашниот селектор Џампјеро Вентура сè уште не е сменет по елиминацијата од Шведска во баражот за Светското првенство.
Карло Тавекио, првиот човек на Италијанскиот фудбалски сојуз, изјави дека верува дека некогашниот репрезентативец и освојувач на три титули на Лигата на шампионите во тренерската кариера (три со Милан и една со Реал Мадрид) е вистинското решение по дебаклот, пишува италијанскиот „Премиум спорт“.
Анчелоти е без ангажман откако во септември го напушти Баерн од Минхен и е прв кандидат да дебитира на клупата на Италија во март наредната година, во пријателските натпревари против Англија и против Аргентина.
Денес е закажан состанок меѓу Фудбалскиот сојуз на Италија и Вентура во Рим, каде што поранешниот тренер на Торино би требало да биде разрешен од должноста.
Засега Анчелоти има предност пред Роберто Манчини, тренерот на Зенит, и Луиџи ди Бјаџо, селекторот на младата репрезентација.

Најнови вести