Корисничко име Лозинка Пријави се
15.11.2017

Петарда: Ериксен со хет-трик ја одведе Данска во Русија!

Репрезентацијата на Данска е последниот учесник на Светското првенство во Русија 2018 година, кога се во прашање селекциите од европскиот континент.

Данците во последниот реванш-натпревар од баражот, по средбата без голови пред три дена во Копенхаген, ја декласираа Република Ирска во Даблин – 5-1 (2-1).
Само по шест минути од средбата, пред повеќе од 50.000 луѓе на стадионот „Авива“, не изгледаше дека гостите толку убедливо ќе слават бидејќи Шејн Дафи ја искористи досадната одбрана на Данска и му донесе рано водство на домаќинот.
Но, Данците веднаш ја презедоа контролата и почнаа брановидно да напаѓаат, а во 29-тата минута Андреас Кристенсен, со многу среќа, донесе изедначување.
Само три минути подоцна, следуваше нов шок – Кристијан Ериксен го постигна неговиот прв погодок, со прекрасен удар под пречката од работ на казнениот простор по школската контра.
Екипата на Мартин О’Нил се обиде да се тргне, тоа го сакаше и на стартот на продолжението, но потоа следуваше нов ладен туш во режија на феноменалниот играч за врска на Тотенхем.
Овој пат Пионе Систо убаво му ја одложи топката на пред шеснаесетникот, а тој со лева нога го погоди далечниот агол. Десетина минути подоцна дефинитивно беше завршено сè, во 63-тата минута Ериксен го комплетираше хет-трикот, а конечниот резултат го постави резервниот играч Никлас Бентнер од пенал во 90-тата минута.
Данска по петти пат во историјата ќе игра на Мундијалот.
Преостанатите двајца учесници на Мундијалот ќе ги дознаеме утре рано наутро, откако Австралија ќе го дочека Хондурас денес од 10 часот во Сиднеј, по натпреварот без голови, а ноќеска Перу ќе биде домаќин на Нов Зеланд во 3.15 часот, меѓу кои исто така немаше погодоци во првите 90 минути.
Ждрепката за групната фаза на програмата е првиот ден од декември во Московски кремљ.

Најнови вести