Корисничко име Лозинка Пријави се
14.11.2017

Буфон со солзи во очите: Завршено е!

Легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон по неуспехот во баражот за пласман на Светското првенство 2018 година во Русија, изјави дека ја завршил фудбалската кариера.

Чуварот на мрежата на Јувентус не можеше да ги сокрие солзите пред камерите по реванш-дуелот со Шведска во Милано, кој заврши без голови.
Скандинавците местото на Мундијалот го обезбедија благодарение на минималниот триумф во првиот натпревар во Стокхолм.
„Ја напуштам италијанската репрезентација и им ја оставам на младите момчиња коишто имаат што да кажат – Перини и Донарума. Италијанскиот фудбал секако дека има иднина. Сакам да ги прегрнам Барцаљи, Бонучи, Кјелини и Де Роси, со коишто поминав речиси десет години. Им благодарам на сите момчиња коишто беа со нас сето ова време. Се надевам дека им дадовме нешто“, изјави Буфон со солзи во очите.
Голманот на Јувентус додаде дека од националниот тим веројатно ќе се збогуваат и Барцаљи, Де Роси и Кјелини.
Колку голем човек е Буфон, покажа пред почетокот на натпреварот, кога аплаудираше при изведувањето на химната на Шведска во моментот додека од трибините на „Сан Сиро“ се слушаа свирежи.

Најнови вести