Корисничко име Лозинка Пријави се
13.11.2017

Македонија ја победи Норвешка за крај на годината

Македонија ја победи Норвешка со 2-0 на пријателскиот натпревар на арената „Филип Втори“ во Скопје и со тоа ја заокружи 2017 година. Првиот гол го постигна Горан Пандев во 43-тата минута, кој беше негов 31-ви во националниот дрес, а стрелец на вториот погодок беше Кире Маркоски во 93-тата минута од средбата.

За Македонија ова е прва победа против Норвешка во четирите меѓусебни дуели, претходно одигра едно реми (0-0 во 2009 година) и два пати беше поразена (1-2 во 2009 и 0-2 во 2013 година).
Натпреварот на стадион „Филип Втори“ стартуваше без многу возбудувања, а првите две шанси ги имаше македонската репрезентација. Првата беше во 12-тата минута, кога Алиоски продре по десната страна, шутираше откосо од околу 15 метри, но топката за малку заврши над гредата од голот на гостите. Во 16-тата минута Алиоски доби топка пред голот на гостите од Пандев, но во пад од само неколку метри шутираше покрај левиот дирек.
По двете шанси за Македонија, во 19-тата минута Норвешка имаше одлична можност да поведе, но Одегард ја погоди гредата на голот. Во 24-тата минута и Камара беше во одлична позиција по нафрлањето од левата страна, но од 7-8 метри пред нашиот гол шутираше непрецизно.
Во продолжението, Камара дојде до уште една шанса со удар од околу 20 метри во 34-тата минута, но топката отиде над голот на Димитриевски. Потоа следуваше прекрасната акција Алиоски – Пандев и голот за водство на Македонија во 43-тата минута!
До крајот на натпреварот,  македонските репрезентативци ја одржуваа предноста, а во 89-тата минута Дарко Велковски имаше одлична шанса да постигне погодок. Тој мајсторски ја испрати топката од околу 16 метри, но норвешкиот голман Грујтебуст ја фати од под самата греда и ја исфрли во корнер.
Грујтебуст направи огромна грешка во 93-тата минута, кога непрецизно ја исфрли топката од шеснаесетникот, таа дојде до дебитантот Кире Маркоски, кој со удар од 25 метри прецизно ја испрати во празната мрежа и го постигна неговиот прв гол во националниот дрес за конечна победа од 2-0.

Најнови вести