Корисничко име Лозинка Пријави се
06.11.2017

Благодариме маестро – Андреа Пирло ја заврши кариерата

Легендарниот италијански играч за врска Андреа Пирло синоќа ја заврши активната играчка кариера откако ги одигра последните минути за Њујорк сити.

Њујорк сити го совлада Колумбус кру со 2-0 (Вилја 16-ти пенал, Струна 53) во реванш-натпреварот од полуфиналето на Источната конференција на МЛС-шампионатот, но не се пласира понатаму бидејќи во првиот натпревар изгуби со 4-1.
Легендарниот Патрик Виера, тренерот на Њујорчаните, му даде можност на 38-годишниот Пирло да се поздрави од навивачите во 90-тата минута, кога на теренот го замени Костариканецот Роналдо Матарита.
Пирло претходно соопшти дека кариерата ќе ја заврши во декември, кога ќе му истече договорот со Њујорк, но бидејќи тимот од Големото јаболко го заврши натпреварувањето во МЛС-лигата, победата над Колумбус му беше последниот натпревар на Италијанецот.
Андреа Пирло во текот на повеќе од две децении играње беше познат како доверлив и креативен фудбалер, играч со одлична визија на теренот, контрола на топката, прецизен пас и убиствени слободни удари, коишто беа негов заштитен знак.
Кариерата ја почна во Бреша 1995 година, а потоа играше за: Интер, Реџина, Милан, Јувентус и во последните две години за Њујорк сити.
Со Милан освои девет трофеи, од кои најзначајни се двата во Серија А (2004,2011) и двата на Лигата на шампионите (2003, 2007). Со Јувентус уште четири пати го освои италијанското првенство (2012-2015), а тешко е да се набројат сите негови индивидуални награди.
Најголемиот успех го доживеа со репрезентацијата на Италија, со која во 2006 година стана светски шампион. „Аѕурите“ тогаш на Светското првенство во Германија во финалето ја победија Франција по пеналите (5-3), а Пирло беше прецизен во првата серија. За Италија вкупно играше на 116 натпревари, постигна 13 голови, а по бројот на настапи го дели четвртото место со Даниеле де Роси.
Како што шпекулираа спортските медиумите во изминатите денови, Андреа Пирло би можело да му се приклучи на стручниот штаб на Антонио Конте во Челзи.

Најнови вести