Корисничко име Лозинка Пријави се
19.10.2017

Вардар по први бодови во Лигата на Европа

Македонскиот фудбалски шампион Вардар вечерва, од 19 часот, на арената „Филип Втори“ ќе игра против шпанскиот Реал Сосиедад во натпреварот од третото коло на групата Л во Лигата на Европа.

Вардар на вечерашната средба ќе се обиде да остане непоразен и да го освои првиот бод во групната фаза од Лигата на Европа. Вардарци во првото коло на домашен терен загубија од Зенит со 0-5, а во второто коло на гости кај Розенборг беа поразени со 1-3.
Фудбалерите на македонскиот шампион се во добра форма. Во натпреварите од првенството на Македонија, Вардар победи на последните четири средби, во саботата против Шкендија со 4-2 и претходно против Шкупи и Пелистер со по 1-0 и против Ренова со 2-1. Реал Сосиедад во саботата извојува победа во гости против Алавес (2-0), а пет пати беше поразен на последните шест гостувања во Лигата на Европа.
„Играме против квалитетна екипа, која технички е одлично подготвена и која негува игра со кратки додавања. Ова е трет натпревар во групата и трета шанса за нас. Ќе се обидеме први да постигнеме гол, а мислам дека имаме шанса да победиме и да ги освоиме првите бодови“, изјави  капитенот Бобан Грнчаров.
Никола Глигоров изјави дека играчи од средината на теренот на Вардар, како и оние од одбраната, ќе го понесат најголемиот товар на вечерашниот натпревар.
„Со добра тимска игра, бидејќи немаме индивидуален квалитет како другите европски екипи, се надевам на позитивен резултат и на подобар впечаток отколку на првиот натпревар. Ќе се обидеме да воспоставиме контрола врз играта, да диктираме темпо и што повеќе да ја имаме топката во свој посед, но тоа ќе зависи и од противникот. На првиот меч против Зенит изгоревме од преголема желба да се покажеме, бевме некако премотивирани, прв, историски меч, но раниот гол нѐ пресече. Против Розенборг беше полесно, психолошкиот товар се намали. Вечерва ќе се обидеме да дадеме максимум и да уживаме во натпреварот“, изјави Никола Глигоров, еден од најискусните во тимот на Вардар.
По паузата од две седмици, во тимот се враќа репрезентативецот Бобан Николов.
„Мислам дека е на ред освојување бод или бодови. Реал игра отворено, постигнува, но и прима голови. Ако можевме да го елиминираме Фенербахче, тогаш можеме да бидеме рамноправни со противниците во групата“, изјави Николов.

 

Најнови вести