Корисничко име Лозинка Пријави се
19.10.2017

Хрватска на Анчелоти му го нуди селекторското место

Како што пренесуваат италијанските медиуми, Фудбалскиот сојуз на Хрватска на познатиот стручњак Карло Анчелоти му го понудил местото селектор на државниот тим.

Анчелоти неодамна остана без работа во Баерн и моментно е без ангажман, додека Хрватите по слабите игри во квалификациите за Светското првенство во Русија 2018 година, го сменија селекторот Анте Чачиќ. На местото на Чачиќ привремено дојде Златко Далиќ, со кого хрватската репрезентација успеа да избори бараж за Мундијалот, во којшто ќе игра против Грција.
Според пишувањата на италијанската „Газета дело спорт“, хрватскиот сојуз на Анчелоти му испратил понуда да ја преземе селекцијата само ако се пласира на Светското првенство, како и тоа дури по Мундијалот да се врати во клупскиот фудбал.
Хрватска во баражот сигурно ќе ја води Златко Далиќ, а како што пренесува „Газета дело спорт“, во Фудбалскиот сојуз се поделени мислењата дали тој треба да остане на клупата во случај на пласман. Тие коишто не се за Далиќ, го сакаат Анчелоти, за кого сметаат дека може да го извлече максимумот од многу талентираната екипа во која се наоѓаат и Лука Модриќ, Иван Перишиќ, Марио Манџукиќ и други.
Карло Анчелоти во кариерата нема тренирано ниту една репрезентација, а се прослави во клупскиот фудбал, каде што ги водеше: Реџина, Парма, Јувентус, Милан, Челзи, ПСЖ, Реал Мадрид и Баерн Минхен.

Најнови вести