Корисничко име Лозинка Пријави се
17.10.2017

Покетино: Во Тотенхем сè додека тоа го сака Леви

Тотенхем вечерва, од 20.45 часот ќе игра на „Сантијаго Бернабеу“ против Реал Мадрид во натпреварот од третото коло на групата Х во Лигата на шампионите.

Маурисио Покетино, тренерот на Тотенхем, вчера изјави дека во тој фудбалски клуб ќе остане сè додека тоа го сака претседателот Даниел Леви.
Леви неодамна изјави дека би сакал Покетино да биде тренер на Тотенхем десет или 15 години.
„Одлуката е на сопственикот и на претседателот дали ќе ја задржиш тренерската работа. Среќен сум. Уживам во Тотенхем, тоа е клуб со голем потенцијал. Го чекаме новиот стадион, новите објекти, за кои мислам дека ќе бидат најдобри во Европа. Прашање на време е кога ќе се развиеме и ќе станеме конкурентни да го освоиме трофејот“, изјави Покетино за британските медиуми.
„Мило ми е што ме поддржува Даниел и им кажува на луѓето што очекува од мене“, додаде тренерот на Тотенхем.
Медиумите шпекулираа дека летоска Барселона била заинтересирана за Покетино пред да го постави за тренер Ернесто Валверде.
Покетино, поранешниот тренер на Еспањол, изјави дека за него е невозможно некогаш да стане тренер на Барселона.
„Не морам да го повторувам тоа. Тоа е невозможно. Не би можел да ја тренирам Барселона од многу причини во коишто сега не треба да влегувам. Како што кажа претседателот (Даниел Леви), се надевам дека во Тотенхем ќе останам десет или 15 години. Би сакал да го потпишам тој договор“, изјави Покетино.
Тотенхем вечерва, од 20.45 часот ќе игра на „Сантијаго Бернабеу“ против Реал Мадрид во натпреварот од третото коло на групата Х во Лигата на шампионите. Двете екипи имаат по шест бодови со иста гол-разлика од по 6-1.

 

Најнови вести