Корисничко име Лозинка Пријави се
17.10.2017

Далиќ ќе ја води Хрватска и во баражот

Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на Хрватска му искажа доверба на селекторот Златко Далиќ, кој беше именуван како привремено решение по отказот на Анте Чачиќ.

Пред последниот натпревар од квалификациите за Светското првенство против Украина, Чачиќ доби отказ, па Далиќ непланирано го зазеде неговото место и потоа Хрватите ги одведе до голема победа во Киев и пласман во баражот.
Златко Далиќ ќе ја предводи Хрватска уште на два натпревара, а во случај да избори пласман на Мундијалот, веројатно ќе остане на клупата. Ако не се случи тоа, Хрватска би можела да побара нов селектор, но за тоа повторно ќе одлучува извршниот одбор.
„Далиќ ќе биде селектор до крајот на овие квалификации, а потоа ќе зборуваме за иднината. Колку беше чесен, најдобро покажува тоа што за овие два натпревара нема да добие ниту договор, нема да добие никаква награда. Сега е битно тој да има мир“, изјави Давор Шукер, претседателот на Хрватскиот фудбалски сојуз.
Сојузот, исто така, одлучил Хрватска нејзиниот домашен натпревар во баражот да го одигра на загрепскиот „Максмир“.

Најнови вести