Корисничко име Лозинка Пријави се
16.10.2017

Федерер лесно со Надал за титулата во Шангај

Швајцарскиот тенисер Роже Федерер вчера го освои Мастерсот во Шангај откако во финалето го победи првиот играч на светот, Шпанецот Рафаел Надал, по двата сета - 6:4, 6:3.

Вториот тенисер на светот победи за 72 минути и ја оствари четвртата последователна победа против Надал оваа година. Тој годинава го победи Надал во финалето на Отвореното првенство на Австралија, а потоа во осминафиналето на Мастерсот во Индијан Велс, како и во финалето на турнирот во Мајами.
Федерер доминираше во вчерашниот меч, три пати му го одзеде сервисот на Надал, кој немаше ниедна брејк-топка.
„Не знаев што да очекувам. Мислев дека на почетокот ќе се мачам малку бидејќи синоќа доцна го завршив натпреварот во полуфиналето. Изненадувачки, не бев нервозен пред денешниот натпревар. Знаев како да одиграм. Почнав многу добро и потоа се релаксирав“, изјави Федерер по вчерашниот меч.
Тој ја освои 94-тата титула во неговата кариера и се изедначи на второто место на вечната листа на ерата на Отворените првенства со Иван Лендл.
И покрај доминацијата во оваа година, Федерер изјави дека не очекува да биде подобар од Надал во меѓусебните дуели.
„Тоа нема да се случи. Не ни останаа нам доволно години на АТП-турата. Добро сме рангирани и во овој момент можеме да играме само во финалињата... Не можете да ги добиете сите финалиња против Рафа, тој е премногу добар играч“, додаде Федерер.
Освојувачот на 19 гренд слем турнири ја оствари 15-тата победа во 38 дуели со Надал. Рафаел ја прекина низата од 16 победи.
Надал изјави дека вчерашниот меч му бил многу тежок.
„Играше многу брзо и многу добро. Тоа не беше мојот најдобар меч оваа седмица. Кога некој игра подобро од тебе, спортот не е тежок, за тоа се работи. Кога играш против некого кој е подобар од тебе во повеќето важни работи, на ваква подлога, тогаш е потешко“, изјави Надал.
Тој играше со бандажирано десно колено.
„Не сакам сега да зборувам за тоа. Не е моментот за тоа кога ќе изгубите во финалето“, додаде првиот играч на светот.
Федерер изјави дека бил изненаден кога го видел тоа, бидејќи Надал добро се движел.
Надал изјави дека не може да потврди дали ќе игра на претстојните турнири во Базел и во Париз.

Најнови вести