Корисничко име Лозинка Пријави се
03.10.2017

Тренинг од 23 минути: „Пике, оди си, болен си!“

Жерар Пике, фудбалерот на Барселона, кој отворено ја поддржува независноста на Каталонија, на тренингот на репрезентацијата на Шпанија во Мадрид беше пречекан со свирежи.

Репрезентацијата на Шпанија во Мадрид се подготвува за натпреварите од квалификациите за Светското првенство против Албанија и против Израел, а главна цел на навивачите им беше Пике, кој гласаше на референдумот за независност на Каталонија и го критикуваше полициското насилство врз избирачите.
Навивачите на Шпанија го дочекаа фудбалерот на Барселона со свирежи и довикувања „Пике, оди си!“.
Редарите замолиле еден навивач да го отстрани транспарентот на којшто пишувало „Пике, ти си болен!“.
Навивачот продолжил да зборува: „Пике не заслужува да биде во составот на Шпанија, тој не го заслужува тоа. Ме тераат да го тргнам транспарентот кој според мене не е навредлив. Јас само го кажувам она што го мислам. Пике е одвратен и не требаше да дојде“, изјавил навивачот, а пренесуваат шпанските медиуми.
Еден од присутните навивачи по тие зборови почнал да аплаудира и да извикува: „Слобода на изразување!“, „Оди си!“.
Бидејќи скандирањето продолжило, фудбалерите на Шпанија го напуштиле теренот само по 23 минути од тренингот.
„Горд сум на народот на Каталонија. Ова е најлошото искуство кое сум го доживеал. Седум години се демонстрираше без насилство, а она што се случи го виде целиот свет“, изјави Пике во неделата.
Тој најави дека ќе ја напушти репрезентацијата ако тоа од него го побараат селекторот или Фудбалскиот сојуз на Шпанија.
Пике за репрезентацијата на Шпанија одигра 91 натпревар и беше дел од националниот тим кој ги освои Светското првенство 2010 година и Европското првенство две години подоцна. Тој претходно најави дека ќе се повлече од репрезентацијата по Светското првенство 2018 година.

Најнови вести