Корисничко име Лозинка Пријави се
02.10.2017

Вардар со триумфот над Загреб ја продолжи победничката серија во Лигата на шампиони

Европскиот ракометен шампион Вардар го победи ППД Загреб со 28-21 (13-10) и по третото коло има максимален број бодови во групата А од Лигата на шампионите. За Вардар ова е осма победа во Лигата на шампионите , што претставува уште едно најдобро клупско остварување досега во елитното натпреварување.

„Црвено-црните“ поведоа дури во 14-тата минута од средбата, кога Кањелас постигна погодок за 5-4. Дотогаш иницијативата ја имаа гостите и успешно ги казнуваа нереализираните акции и грешките на Вардарци.
Раул Гонзалес побара пауза уште во четвртата минута од натпреварот, кога ракометарите на Загреб имаа водство од 0-3, кои докажаа дека кога играат без притисок, може да бидат многу незгодни ривали.
Арпад Штербик во првото полувреме имаше вкупно шест одбрани, од кои пет беа во првите десет минути, токму во периодот кога нашите ракометари правеа напор да ја анулираме предноста на гостите.
Потоа Вардар поведе, иако на моменти имаше доста проблеми во нападот, со оглед на тоа што хрватскиот шампион добро ги затвораше приодите на сопственикот гол.
На крајот од првото полувреме „црвено-црните“ ја имаа и највисоката предност, 13-9, иако на одмор заминаа со предност од 13-10.
Вардар на почетокот на второто полувреме имаше одлична одбрана, што беше клучот со кој домашните ракометари со сигурност ја најавија победата. Гостите од Загреб цели 11 минути немаа погодок, а Вардарци трипати за пет минути реализираа за највисоката предност дотогаш, 16-10. Потоа следуваа промашувања, па добра одбрана и шест минути ниту еден тим не постигна гол. Гостите погодија, но и нашите ракометари за ново водство од 17-12.
Во 50-тата минута Вардар имаше предност од седум погодоци, за водство од 21-14, и предноста од седум голови ја имаше уште неколкупати до крајот на средбата.
Во следното коло Вардар ќе гостува кај ПИК Сегед во Унгарија во Лигата на шампионите.
Металург иако настапи со најмладиот состав во досегашниот тек на сезоната, сепак прикажа одлична игра и го совлада Спортинг Лисабон, за прва радост на бројните навивачи.
Драматичната завршница му припадна на нашиот тим, кој славеше со минимална, но сосема заслужена победа од 28-27.

Најнови вести