Корисничко име Лозинка Пријави се
02.10.2017

Роденденска победа на Ферстапен, голем пех на Раиконен

Макс Ферстапен, возачот на Ред Бул ја оствари втората победа во кариерата бидејќи беше најбрз на Големата награда на Малезија за време од 1:35.576, па на најубав можен начин го прослави 20-от роденден.

Втор беше Луис Хамилтон во болидот на Мерцедес, а трет беше тимскиот колега на Ферстапен, Даниел Рикијардо, пред Себастијан Фетел од Ферари, кој заврши на четвртата позиција и покрај тоа што стартуваше од последното место.
Во трката и Фетел имаше проблеми, се судри со Ланс Строл и беше бесен: „Ова е невозможно, воопшто не гледаше каде оди“, изјави бесно Германецот.
Уште полош пех ги снајде Феарари и Кими Раиконен, кој поради технички проблем мораше да се повлече пред почетокот на трката, иако требаше да стартува од втората позиција.
„Не знам што се случило точно, прерано е да се каже. Никој во тимот не направи ништо погрешно, болидот работеше совршено во саботата, проблемите се појавија одеднаш. Разочарувачки е, но нема виновник“, изјави смирено Финецот.
Ферстапен сега е шести во генералниот пласман со 93 бода, а претходната победа во кариерата ја оствари на Големата награда на Шпанија во мај минатата година.
Луис Хамилтон ја зголеми предноста на водечката позиција – има 281 бод и по трката изјави дека можеби можел да дојде и до првото место, но мислел на генералниот пласман и не сакал да ризикува.
„Секоја чест за Макс, среќен му роденден, заврши фантастична работа. Тешка трка, тие беа подобри сега. Се чувствувам добро, но мораме да работиме на болидот, овој викенд ја немавме вистинската брзина“, додаде Британецот.
Втор е Фетел со 247 бода, а трет Валтери Ботас со 222, Финецот од редовите на Мерцедес заврши на петтата позиција на „Сепанг“,а следуваат Перез, Вандорн, Строл, Маса и Окон.

Најнови вести