Корисничко име Лозинка Пријави се
27.9.2017

Бучните навивачи на Бешикташ го истераа Вернер

Навивачите на Бешикташ значењето на домашниот терен го подигнаа на повисоко ниво, поради нивната бучава еден играч на ривалот веќе не можеше да игра!

Бешикташ вчера го совлада германскиот Лајпциг со 2-0 во второто коло на Лигата на шампионите, а бучавата на трибините буквално го натера Тимо Вернер да бара измена само по половина час игра.
Не му помогнаа дури тапите во ушите за да го ублажи притисокот кој му создаваше бучава од трибините.
„Нашите навивачи ја бодреа екипата, но фер. На Вернер му сметаше таа бучава“, изјави Шенол Гунеш, тренерот на Бешикташ.
Ралф Хазенхитл, тренерот на Лајпциг, имаше малку поинакво објаснување, но не демантираше дека Вернер излегол поради бучавата.
„Бевме исплашени во првите 15 минути, оваа атмосфера е нова за нас. Беше многу бучно, за младата екипа тоа е нешто ново. Вернер ми рече дека не може да дише, сакаше да се одмори, а немаше здравствени проблеми“, изјави Хазенхитл.
Лајпциг е дебитант не само во Лигата на шампионите туку и во Европа, нема сомнение дека гостувањето во Истанбул беше шокантно за тимот кој само пред неколку години беше нисколигаш, но тешко дека во историјата се случило еден фудбалер да не може да игра поради бучава од трибините.
Бешикташ славеше со головите на Рајан Бабел и на Талоске во првото полувреме, со шест бода е лидер на групата Г, пред Порто (3), Монако (1) и Лајпциг (1).

Најнови вести