Корисничко име Лозинка Пријави се
26.9.2017

Лига на шампиони: Може ли Реал да ја отстрани клетвата наречена Дортмунд?

Дерби на второто коло во Лигата на шампионите е дуелот меѓу Борусија од Дортмунд и Реал Мадрид.

Овој дуел дополнително добива значење поради фактот дека официјалниот шампион на претходните шест гостувања никогаш не славел на „Сигнал Идуна парк“ – три порази и исто толку ремија.
Реал добро ја отвори сезоната во елитното натпреварување со победата против АПОЕЛ, додека Дортмунд по поразот на „Вембли“ од Тотенхем, ќе бара шанса за први бодови.
Дортмунд и Реал и минатата година беа во иста група, двата натпревара беа завршени со резултат 2-2, а германскиот тим продолжи понатаму како првопласиран, што не им сметаше на избраниците на Зинедин Зидан да станат прв тим кој ја одбранил титулата.
Мадриѓаните овој натпревар ќе го играат без повредените Марсел, Карим Бензема, Тео Ернандес и Матео Ковачиќ, додека од другата страна отсутна ќе биде првата ѕвезда на тимот Марко Ројс, а неизвесен е Андре Ширле.
Тотенхем по почетната победа во Лондон, ќе гостува кај АПОЕЛ во Никозија.
Спартак и Ливерпул ќе се сретнат во Москва, каде што двете екипи ќе се обидат да се искупат за киксовите во првото коло на групата Е.
Рускиот клуб изненадувачки одигра само нерешено против Марибор во Словенија, додека Ливерпул на домашен терен ремизираше со Севилја.
Прва победа ќе се обидат да остварат и Севилја и Марибор, екипите коишто ќе се сретнат во Шпанија.
Манчестер сити во групата Ф ќе го дочека Шахтар, додека Наполи ќе игра дома против Феенорд.
Монако и Порто ќе играат во групата Г, во која ќе се сретнат уште екипите на Бешикташ и Лајпциг.
Сите натпревари се играат во стандардниот термин од 20.45 часот.

Најнови вести