Корисничко име Лозинка Пријави се
15.9.2017

Лошо деби на Вардар во Лигата на Европа, Зенит рутински до победа

Вардар беше поразен со 5-0 од Зенит во првиот натпревар од Лигата на Европа, кој се одигра синоќа, на арената „Филип Втори“.

Неискуството на Вардар беше причина за неговиот убедлив пораз во првиот натпревар од Лигата на Европа. Вардарци импресивно играа во првиот дел од натпреварот, но противникот искусно беше доминантен на теренот.
Арената „Филип Втори“ беше само половина исполнета, иако Вардар би требало да има повеќе публика, но навивачката група Комити досега беше најбројна и во текот на целиот натпревар го бодреше македонскиот шампион.
Зенит поведе само по шест минути игра, Нобоа центрираше од корнер, а Кокорин скокна и со глава погоди во мрежата на голманот Гачевски. Вардар потоа се обидуваше да се врати во игра, но Зенит успешно ја контролираше и во 21-вата минута дојде до сигурна предност од 2-0, а стрелец повторно беше Кокорин, кој реализира нов удар со глава.
На пет минути пред крајот на првиот дел, Кокорин го проигра Ѕјубаа, кој погоди за водство на рускиот клуб од 3-0.
Во второто полувреме Вардар играше многу подобро, во 50-тата минута од средбата Николов беше во одлична позиција и шутираше, но беше блокиран. По една минута се обиде и Барсегјан, но ударот му заврши крај голот на Лунев. Вардар се обидуваше да направи нешто повеќе пред голот на Зенит, но во 66-тата минута Гачевски одби една ниско фрлена топка, Ивановиќ се снајде и погоди за водство на рускиот клуб од 4-0.
Вардар повторно одеше во напад, создаваше полушанси, но во 89-тата минута Ригони погоди и го постави конечниот резултат од 5-0 за Зенит.
Зенит сосема заслужено се радуваше на убедливата победа, додека Вардар мора да се покаже во подобро светло на следниот натпревар, во гости кај Розенборг.

Најнови вести