Корисничко име Лозинка Пријави се
13.9.2017

Рој Хоџсон е нов менаџер на Кристал палас

Рој Хоџсон, поранешниот селектор на репрезентацијата на Англија, е нов менаџер на Кристал палас, соопшти премиерлигашот.

„Многу ми е мило што сум овде, во клубот што отсекогаш сум го сакал и му се восхитував. Палас има голема армија навивачи, а амбициите овде се реални“, изјави Хоџсон за интернет-страницата на клубот.
Хоџсон потпиша договор на две години, а на клупата на лондонскиот клуб го замени Франк де Бур, кој беше отпуштен поради лошиот почеток на сезоната.
Нему тоа му е прва работа откако ја напушти репрезентацијата на Англија по понижувачката елиминација од Исланд во осминафиналето на Европското првенство 2016 година.
Хоџсон тренерската кариера ја почна уште во 1976 година во шведскиот Хамштад, потоа кратко беше во Бристол сити, па повторно се врати во Скандинавија, каде што ги водеше Одеволд, Еребро и Малме.
Работеше во Ксамакс и во Грасхоперс, беше селектор и на Швајцарија. Во Италија ги водеше Интер од Милано и Удинезе, на Островот уште Блекбурн, Фулам, Ливерпул и Вест Бромич, седеше и на клупите на Копенхаген и Викинг, а ги водеше и селекциите на Обединетите Арапски Емирати и на Финска.
Франк де Бур пред почетокот на сезоната го презеде Палас, но во понеделникот беше отпуштен бидејќи клубот во првите четири кола на Премиер лигата забележа четири порази, без постигнат гол.

Најнови вести